Градовите како објекти во нивните средини


Градовите се специјално и плански уредени делови од животната средина во кои се извршуваат сите познати функции на животот и работата. Според настанувањето тие се помлади од селата. Градовите се разликуваат од селата според бројот на жителите кои се скоро секогаш поголеми со исклучок на некои помали гратчиња.
Морфолошко-архитектонскиот изглед е далеку поразличен од селата каде се застапени ниските градби. Локацијата е  плански избрана (близина на патишта, пруги, реки, езера, морски брег, рудни богатства,  фабрики). Градовите се познати како полифункционални населби, бидејќи вршат повеќе функции во стопанството од селата кои се со земјоделско-сточарска функција. Во градовите се застапени сите дејности и затоа тие се управни, културно-просветни, здравствени, сообраќајни, трговски и индустриски центри. За обавување на тие функции во градовите се гради потребната инфраструктура (асфалтирани улици, водовод, канализација, училишта, болници, домови на култура, банки, паркови итн). Како полифункционални населби градовите нудат подобри услови за живот и работа и затоа денес се привлични центри за околното селско население. Тој процес на пораст на жителите на градското население, изградбата на градовите со потребната инфраструктура со квалитетното подобрување на условите за живот во нив се вика урбанизација. Таквата тенденција за урбанизирање доведе денес во светот да преовладува градското над селското население.
Најкарактеристична е урбанизацијата во милионските градови и мегалополисите кои настануваат со слепување на повеќе градови во една градска зона. Освен многуте функции во градовите самата урбанизација или субурбанизација (непланска, дива урбанизација) се извор на многу негативности во градовите. За сметка на шитење на градовите се уништуваат обработливи површини, шуми, ливади и со тоа се потиснува природниот белег на животната средина.
Развиената индустрија и сообраќајот емитираат штетни гасови и бучава. Во градовите се јавува микроклима која се разликува од климата надвор од градската околина, со повисоки температури, облачност и послабо дејство на ветровите поради високите згради. Изградбата на градовите треба да оди со однапред донесени планови за да се избегне пребрзата урбанизација од која во градовите настануваат многу социјални, комунални и еколошки проблеми.



Извор: Географија, Проф д-р Ѓорѓи Павловски, д-р Аце Миленковски, Коле Павлов, Просветно дело АД Скопје 2009, стр. 116

Коментари