Ресурси на Земјата


Земјата е богата со природни ресурси што можеме да ги претвориме во енергија, материјали и други потребни производи. Многу од овие природни ресурси се извлекуваат длабоко од под земјата или од под површината на морето.
Обновлив ресурс е таков ресурс што можеме да го употребиме, а притоа, трајно да не го намалиме количеството што ни е достапно. Сонцето, ветерот и водата се обновливи ресурси што на разни начини можеме да ги искористиме за производство на енергија. Јагленот, хафтата, природниот гас и дрвото се необновливи ресурси и еден ден тие ќе се потрошат. Научниците мислат дека изворите на природен гас и нафта можат да се потрошат за неколку децение.
Водата е многу корисен извор на енергија. Таа може да се употреби за производство на електрична и механичка енергија. Хидроелектричните централи ја користат водата од реките, водопадите и вештачките езера за вртење на огромните тркала на турбините кои создаваат електрична струја. Океанските бранови, исто така се добар извор на енергија. Брановите ги поместуваат пловците кои ја апсорбираат енергијата и ја користат како погон за пумпите. Пумпите пак, со помош на течност, ги вртат турбините и генерираат електрична енергија.
Јагленот, нафтата и природниот гас се „фосилни горива“. Тие се наречени така затоа што се остатоци од фосилизирани растенија и ситни животни. Нафтата е создадена од остатоци на ситни морски суштества што живееле пред милиони години. До неа се доаѓа со помош на моќни дупчалки поставени на нафтени платформи што ја дупчат карпата длабоко под морското дно. Потоа таа се извлекува на површината со пумпи и се пренесува низ цевки до копното каде што се преработува во бензин и во други производи.

Коментари