Загадување и загрозување на урбаната средина и мерки за заштита


Човекот е главен загадувач на урбаната средина. Тоа го прави преку се поинтезивниот развој на: индустријата, урбанизацијата, сообраќајот и др.
Индустријата е најголемиот загадувач на урбаната средина. Бројот на фабриките и другите индустриски објекти постојано се зголемува во градовите како потреба за вработување на урбаното (градско) население. Но, последиците од тоа е аерозагаденоста која претставува сериозен проблем во урбаната средина. Воздухот веќе не е чист по здравјето на луѓето. Фабриките, топланите, топилниците, термоцентралите и друго преку оџаците исфрлаат се повеќе штетни честици во атмосферата како што е чадот што го дишеме. Зголеменото присуство на: сулфур диоксид, јаглерод моноксид, азотни оксиди и друго во воздухот, дирекно се одразуваат врз здравјето на луѓето. Сулфур диоксидот е особено штетен зимно време кога помешан со маглата создава смог и како потежок се наоѓа над самите улици. Отпадните води што ги испуштаат индустриските објекти се повеќе ги загадуваат подземните води и извори. Последица од тоа е што многу реки во светот се мртви реки во кои нема органски свет. Слична судбина ќе доживеат и наште реки: Вардар, Брегалница, Пчиња, Црна Река и други ако не се преземат итни мерки, бидејќи тие од ден на ден се се позагадени.
Урбанизацијата со постојаното проширување ја загадува средината со прав, отпадни води од канализацијата, бучава, уништување и намалување на шумските појаси и градското зеленило и друго.
Сообраќајот се повеќе ја загрозува урбаната средина со издувните гасови од возилата кои при согорувањето испуштаат тешките метали. Со порастот на бројот на возилата некои урбани центри во светот станаа неподобни за живеење. Како последици од сообраќајот е појавата на бучава. Неа ја предизвикуваат разните возила како автомобили, авиони, хеликоптери, звучни сигнали и друго кои предизвикуваат оштетување на: слухот, нерасположение, нервни растројства и друго.
За да се заштити урбаната средина од загадување потребно е да се преземат следниве мерки:
-поставување на филтри на сите фабрички оџаци за прочистување на воздухот
-фабриките да се градат што подалеку од урбаните средини и околу нив да се направи зелен појас од густи дрвја
-подигање на поголеми површини на паркови и зеленило за да се зголеми кислородот
-да се направат заобиколни сообраќајници за тешките возила и пренасочување на возилата на улици каде што ќе вршат помало загадување.


Извор: Географија, проф д-р Ѓорѓи Павловски, д-р Аце Миленковски, Коле Павлов; Просфетно дело АД, Скопје 2009 стр.117
loading...

Коментари