Од климата зависи количеството
на врнежи, полноводноста на реките, богатството на растителен и животински
свет, а секако и активноста на човекот во просторот. Во стопанството,
климата има особено влијание врз земјоделството, шумарството, потоа
сообраќајот, туризмот, начинот на живеење и др. Климатските фактори
одредуваат каква ќе биде климата во одреден простор. За Република Македонија,
најважни климатски фактори се: географската
положба, релјефот, близината на околните мориња и атмосферските струења.
Во однос на географската
положба, Република Македонија се наоѓа во северниот умерен топлински појас.
Поради положбата, во Република Македонија има четири јасно изразени годишни
времиња.
Близината на Егејското
Море и на Јадранското Море имаат големо влијание врз климата на Република
Македонија. Тоа особено е изразено по долината на реките Вардар, Струмица, а
нешто помалку и на Црни Дрим, каде навлегуваат топли и влажни воздушни маси.
Релјефот со својата
височина и правец на протегање, има значително влијание врз климата на нашата
држава. Високите планини во западниот и јужниот дел на Република Македонија
ги спречуваат топлите и влажни морски влијанија да навлезат подлабоко во
внатрешноста. Нивното навлегување е можно само преку долините на Вардар,
Струмица и Црни Дрим. Од друга страна, средно високите планини и широките
долини во северниот дел, овозможуваат навлегување на студени воздушни маси од
север. Затоа, во зима дури и во појужните делови на државата температурите може
да се спуштат многу ниско. Освен планините, значително влијание имаат и котлините.
Некои котлини се заградени со планини од сите страни, па преку зима нивните
најниски делови може да бидат многу студени. Некои котлини пак се исполнети со
езера, кои не дозволуваат околниот воздух преку лето многу да се загрее или
преку зима многу да се разлади.
Општите струења на
атмосферата исто така имаат значење за климата на Република Македонија. Во
летниот период често се јавува пробив на тропски воздушни маси од Африка,
пратен со многу високи температури или со таканаречени „црвени дождови“. Во
зима пак, се случува пробив на поларни воздушни маси од северните делови на
Европа и од Сибир, па се јавува многу студено време.
loading...
Коментари
Постави коментар